Првата награда во категоријата микропретпријатија му е доделена на Кристијан Даниловски од продукциската куќа „FX3X”, а втората награда ја освои Владимир Цветиновски од „Маркет Висион”.
Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Предраг Јованчев, сопственик на претпријатие за производство на текстил „Донитекст”, а втората ја освои Иван Пешев од рекламната агенција „Република”.
Со цел да се поттикне претприемничкиот дух и културата во државата, МРФП повторно беше дел од организацијата на проектот „Претприемач на годината – 2008”, каде беа промовирани најуспешните микро и мали претприемачи.
Изборот на „Претприемач на годината – 2008” и оваа година промовира успешни претприемнички примери преку доделување награди за најуспешните микро и мали претпријатија. Изборот на успешните претпријатија се базира на податоците од Централниот регистар на Македонија, односно регистриран раст во бројот на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Во 2008 година беа идентификувани 191 микро и мало претпријатие кои во периодот од 2005 до 2007 вработиле вкупно 1.365 нови луѓе, ги зголемиле своите приходи од 6 на 14 милијарди денари и инвестирале околу 2 милијарди денари во своите бизниси.
„Наградата е доказ дека сите вложени напори за постигнатите светски вредности не биле залудни и оти и во нашата земја се ценат вистинските квалитети” – изјави добитникот на наградата за најдобро микро претпријатие за 2008 година, Кристијан Даниловски, од продукциската куќа „ФХ3Х”, која е водечко претпријатие во земјата и регионот во областа на визуелните ефекти и анимацијата. Покрај „ФХ3Х”, во категоријата за најдобри микропретпријатија, втората награда ја освои „Маркет вижн”, агенција за маркетинг која нуди услуги за деловен консалтинг и комуникациски услуги.
„Донитекс”, како водечко претпријатие за производство на текстил за домаќинство во Македонија, беше прогласена за најдобро мало претпријатие за 2008 година: „Некој може да ви помогне, некој да ви одмогне, но треба да ги прескокнете препреките и да продолжите” изјави сопственикот и управител на „Донитекс”, Предраг Јованчев. Втората награда во оваа категорија ја освои рекламната агенција „Република”, која беше добитничка на награда за Претприемач на годината и во 2007 година.
Покрај МРФП, организатори на овој настан беа и Сојузот на стопанските комори на Македонија, Агенцијата за поддршка на претприемништвото во Република Македонија, Центарот за развој на претприемачите и менаџерите, Центарот за развој на нови бизниси, Проектот за зајакнување на претприемништвото, конкурентноста и иноваторството, Европската бизнис асоцијација и Стопанската комора на северозападна Македонија.