Во организација на Здружението на земјоделците производители од Куманово, а со финансиска поддршка од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), во рамките на проектот “Програмска и организациска поддршка на здруженијата”, на 24 декември 2004 г. во Куманово се одржа обука за одгледување полжави, наменета за индивидуални земјоделци.
“Ова ни е трета обука од ваков вид. На обуката учествуваат триесетина индивидуални земјоделци од цела Македонија, кои одгледуваат полжави или кои планираат да го сторат тоа. Низ земјава моментно има 30-тина фарми за полжави, од кои пет овде, во Куманово, но оваа бројка има тенденција да се зголеми”, потенцира претседателот на Здружението на земјоделците производители од Куманово, Александар Стојановски.
Еден од учесниците на обуката, Бобан Бојковски од Куманово, одгледувач на полжави, истакна дека земјоделците што се занимаваат со оваа дејност во градот, вклучувајќи го и него, имаат склучено 5-годишен договор за откуп на полжавите: “Поседувам две фарми за одгледување полжави. Оваа работа е нова во земјава и за една година ќе ги очекуваме резултатите, откако ќе се прошири матичното јато. Сега, во зима, полжавите се вкопани во земјата и хибернираат. За нивниот откуп веќе имаме договор со српската компанија ‘Алименти натурале’, единствена од таков тип на Балканот, за откуп на полжави. Свесен сум за ризичноста на оваа инестиција, но се надевам дека сопствените средства што ги вложив набрзо ќе ги вратам и ќе остварам и добивка”, додаде Бојковски.
Триесетината учесници на обуката изразија подготвеност да учествуваат на нови обуки за вештини за одгледување полжави, истакнувајќи дека овие обуки се повеќе од неопходни за нив, зашто нема многу места каде што можат да се информираат за тоа. Но, тие исто така потенцираа дека банките и агенциите кои нудат земјоделски заеми воопшто не размислуваат да понудат заеми за овој бизнис заради, како што рекоа тие, ризикот од исходот на овој нов бизнис во Македонија.
Обучувачи беа проф. Југослав Зиберовски од Земјоделскиот факултет од Скопје и Момчило Трајковски, шумарски инженер.