На 8, 9 и 14 април 2013 година, во Вевчани, Дебарца и во Охрид се одржаa работилници на тема „Алтернативниот туризам како економска активност во регионот на Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца“. Учесниците имаа можност да слушнат и да поразговараат за повеќе аспекти на алтернативните форми на туризмот во овој регион. Дел од нив, оние кои веќе имале свои искуства ги споделија со присутните.
Учесниците беа поттикнати да размислуваат за мотивите за занимавање со туризам, како и за особините што треба да ги има еден добар домаќин. Беа претставени само дел од алтернативните форми на туризам имајќи предвид дека станува збор за широка палета на можности. Тие размислуваа за потенцијалните гости, односно, која би била групата на која ќе им ја упатат својата понуда.
„Треба да се организираат повеќе вакви работилници и обуки“, рече Ленче Шиковска Башовска, учесничка од Охрид. „Ова ни овозможува да слушнеме и видиме нови работи, да препознаеме нови можности кои би можеле да ги искористиме“.
Големо внимание предизвикаа презентираните добри искуства од Црна Гора, Бугарија и Македонија. Учесниците имаа можност да слушнат и да видат како започнале тие добри пракси и кои се советите на оние што им ги упатуваат нивните сопственици.
„Примерите што ги видовме се доста интересни“, рече Никола Јосифоски учесник на работилницата во Охрид. „Алтернативниот туризам нуди големи можности, ама заинтересираните не се секогаш подготвени да ризикуваат. Најчесто ги нудат услугите кои веќе некој друг ги нуди на пазарот. Потребно е понудата да биде поразновидна, како во добрите искуства што ги видовме на работилницава.“
Понатаму се разговараше за уредувањето на објектите и за организацијата на услугите. Што од храна може и треба да им се понуди на гостите, какво треба да биде сместувањето, какви дополнителни услуги можат да се понудат и какви се придобивките за гостите и за домаќините. Во тој дел, учесниците разговараа за креирање пакети на услуги и за формирање на цените.
И за Звезда Димоска, учесничка на работилницата во Дебарца ова е одлична можност да се направи нешто ново и корисно. „Голема е невработеноста во нашиот крај“, вели таа, „а дел од вештините потребни за занимавање со алтернативен туризам ние веќе ги имаме. Кога некој вака ќе ни ја предочи можноста и ќе не охрабри, има повеќе ефект“. „Ние дел од работите веќе ги правиме, ама за себе, за роднини, за пријатели, не сме се сетиле дека од ова може да правиме и бизнис и да заработиме дополнителен приход“, вели Славица Наумоска, учесничка на работилницата во Дебарца.
Во поглед на дополнителните услуги, учесниците на работилницата во Вевчани споделија некои свои искуства. „Туристите што поминуваат низ Вевчани сакаат да понесат нешто со себе, макар тоа биле и некои земјоделски производи кои сме си ги спремиле за нас“, рече Билјана Богеска. „Можеби треба да размислиме тоа да биде дел од нашата дополнителна понуда.“
На крај, се разговараше за поврзувањето со пазарот: како да се промовира понудата, како да се комуницира со гостите, каква би била улогата на туристичките агенции итн.
Учесниците ја потенцираа потребата од повеќе вакви средби, особено за населението од руралните краеви каде работите се одвиваат многу побавно, а потребите се многу поголеми.
Работилниците беа дел од проектот Кон алтернативен туризам што го спроведува МРФП заедно со организацијата Партнерс Албанија од Тирана и локалниот партнер Локална агенција за развој од Струга. Проектот е финансиран од Европската Унија во рамките на Инструментот за претпристапна помош за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија.