На 10 март 2014 година, МРФП го промовираше преводот на публикацијата Социјална економија и социјално претприемништво која оригинално е издадена од Европската комисија. Така, МРФП се вброи меѓу оние кои придонесуваат за зголемување на ресурсите во земјата за започнување и надградување на практиките на социјалното претприемништво.
Социјалното претприемништво е една од новите можности за вклучување на сѐ поголем број лица во пазарот на трудот. И покрај олеснетите можности за започнување бизнис во земјата, сепак, тоа е тешко остварливо за голем број лица од ранливите категории. Во Македонија не постои регулатива за дефинирање на социјалните претпријатија, нивниот опсег и области на делување. Тоа е една од причините за отсуство на програми за финансирање или друг тип поддршка на овие субјекти од социјалната економија.
Промовираниот Водич, објавен минатата година од Европската комисија, ги објаснува спецификите на социјалната економија и социјалното претпријатие, како што се: партиципативното носење одлуки, фокусот врз развојот на заедницата, реинвестирање на профитот или негово насочување кон општествено влијание. Исто така, опфатени се и многу примери за тоа како индивидуалните потрошувачи или штедачи можат да воочат квалитативна разлика во начинот на кој функционира пазарот. Да му се даде поголема шанса на општеството да каже што и како треба да се произведува не значи помала можност за иновација, напротив, најчесто тоа значи повеќе иновации и поголема ефикасност.
Промоцијата на Водичот беше дел од стратешка работилница под наслов „Социјално претприемништво – Можности и предизвици“, што ја организираше проектот ТАКСО во рамките на компонентата Луѓе за луѓе (P2P).