На 27.12.2013 г. беше презентиран новиот истражувачки извештај „Претприемништвото во Македонија“ што е дел од Глобалното истражување за претприемништвото - ГЕМ. Истражувањето ги проверува перцепциите и ставовите за претприемништвото, за претрпиемничката активност и претприемничките аспирации.
Податоците покажаа дека скоро секој трет испитаник смета дека во следните 6 месеци постојат добри можности за започнување бизнис, а секој втор дека ги има потребните знаења и вештини за започнување бизнис. Последниот показател, ја прави Македонија лидер во однос на останатите земји во регионот и во однос на земјите од Европска Унија.
Повеќе од една третина (39 %) од оние кои сметаат дека следните 6 месеци постојат добри можности за започнување бизнис, ќе бидат спречени во започнувањето на бизнис од стравот од неуспех, а 28 % би започнале бизнис во следните 3 години.
За 70 % претприемништвото е посакуван избор за кариера, а 67 % сметаат дека претприемачите уживаат висок статус во општеството. Овие проценти се во надолна линија во однос на 2008 година (за 10 односно за 5 процентни поени).
Претприемничката активност или до кој степен луѓето преземаат нови деловни активности се мери преку клучниот индекс ТЕА (Total Early-stage Entrepreneurial Activity). Овој индекс во Македонија во 2012 година изнесува 6.97 %. Претприемачи во зачеток се 3.73 % (со деловни активности до 3 месеци), а 3.24 се нови (со деловни активности до 3,5 години). Овој индекс е во рамките на индексите на другите земји од регионот.
Одговорите на испитаниците покажаа дека 52 % од претприемачите започнале бизнис од нужност, а 29 % се водени од можност. Профилот на претприемач е: маж, на возраст од 25 до 34 години, со повисоко ниво на образование и повисоко ниво на приходи и не се разликува во однос на претходните истражувања. Меѓу најчестите причини за престанок на бизнисот се непрофитабилноста и проблемите со финансирањето.
Во Македонија 60% од претприемачите во рана фаза очекуваат да вработат до 5 лица во наредните 5 години, а 12 % над 20 лица. Воедно, 20% од претприемачите во рана фаза имаат аспирации кон иновации, а 26 % кон надворешни пазари за продажба на своите производи и услуги.
ГЕМ во 2012 година опфати 69 земји и над 198.000 испитаници. Во Македонија, истражувањето се спроведува по трет пат. За него беше направена телефонска анкета со 2.003 испитаници и анкета со 38 експерти од различни области со важност за претприемништвото. Анкетата ја спроведе истражувачката агенција Брима од Скопје.
Националниот тим на ГЕМ го сочинуваат претставници на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (БСЦ).