ГЕМ во 2012 година опфати 69 земји и над 198.000 испитаници. Во Македонија, истражувањето се спроведува по трет пат. За него беше направена телефонска анкета со 2.003 испитаници и анкета со 38 експерти од различни области со важност за претприемништвото. Анкетата ја спроведе истражувачката агенција Брима од Скопје.
Во 2013 година беше изработен и промовиран извештај од истражувањето, под наслов „Претприемништво во Македонија 2012“.
Главни наоди во ГЕМ – „Претприемништвото во Македонија 2012“
Податоците покажаа дека скоро секој трет испитаник смета дека во следните 6 месеци постојат добри можности за започнување бизнис, а секој втор дека ги има потребните знаења и вештини за започнување бизнис. Последниот показател, ја прави Македонија лидер во однос на останатите земји во регионот и во однос на земјите од Европска Унија.
Повеќе од една третина (39 %) од оние кои сметаат дека следните 6 месеци постојат добри можности за започнување бизнис, ќе бидат спречени во започнувањето на бизнис од стравот од неуспех, а 28 % би започнале бизнис во следните 3 години.
За 70 % претприемништвото е посакуван избор за кариера, а 67 % сметаат дека претприемачите уживаат висок статус во општеството. Овие проценти се во надолна линија во однос на 2008 година (за 10 односно за 5 процентни поени).
Претприемничката активност или до кој степен луѓето преземаат нови деловни активности се мери преку клучниот индекс ТЕА (Total Early-stage Entrepreneurial Activity). Овој индекс во Македонија во 2012 година изнесува 6.97 %. Претприемачи во зачеток се 3.73 % (со деловни активности до 3 месеци), а 3.24 се нови (со деловни активности до 3,5 години). Овој индекс е во рамките на индексите на другите земји од регионот.
Одговорите на испитаниците покажаа дека 52 % од претприемачите започнале бизнис од нужност, а 29 % се водени од можност. Профилот на претприемач е: маж, на возраст од 25 до 34 години, со повисоко ниво на образование и повисоко ниво на приходи и не се разликува во однос на претходните истражувања. Меѓу најчестите причини за престанок на бизнисот се непрофитабилноста и проблемите со финансирањето.
Во Македонија 60% од претприемачите во рана фаза очекуваат да вработат до 5 лица во наредните 5 години, а 12 % над 20 лица. Воедно, 20% од претприемачите во рана фаза имаат аспирации кон иновации, а 26 % кон надворешни пазари за продажба на своите производи и услуги.