Четворица најуспешни претприемачи на мали и микро претпријатија денес (17 декември 2019 година) ја добија престижната награда „Претприемач на годината 2019“.
Даниела Николовска менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, ја доби првата награда во категоријата мали претпријатија, а втората му припадна на Горан Цуцулески менаџер на компанијата „Кривогаштани промет“ од Кривогаштани. Риза Реџепи менаџер на компанијата „Текника Риза Реџепи“ од Кичево ја доби првата награда во категоријата микро претпријатија, а втората му припадна на Георги Дамчески менаџер на компанијата „Ипринт 2015 “ од Прилеп.
„Креативноста е клучен фактор во поттикнувањето на економскиот развој и дел од стратегиите за развој“, рече во своето обраќање Тетјана Лазаревска, извршен директор на Македонската развојна фонадација за претпријатија (МРФП). „Ние како организитори, во овогодинешните добитници препознавме креативност. Им честитам и посакувам креативните индустрии да имаат нагорен тренд на развој што ќе го обезбеди нагорниот тренд и на целата економија“, додаде таа.
Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2019“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Северна Македонија. Во периодот од 2016 до 2018 година вкупно 31 микро (кои имаат помалку од 10) и мали претпријатија (кои имаат помеѓу 10 и 50 вработени) ги исполнија критериумите за избор и имаат реализирано континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.).
„Нас организторите не загрижува трендот на опаѓање на мали и микро претпријатија кои ги исполнуваат условите за оваа награда“, рече Даниела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори. „Им честитам на добитниците и посакувам да ја вратиме троцифрената бројка на кандидати за наградата „Претприемач на годината“, додаде таа.
Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 13-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите. Покрај признанието за постигнувањата, оваа награда има цел да го поттикен претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери.
Главни организатори на Претприемач на годината 2019 се Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Северна Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.
Даниела Николовска - „ГРЕЕМАК ГРУП“ од Скопје, I награда во категоријата мали претпријатија (кои имаат помеѓу 10 и 50 вработени)
„ГРЕЕМАК ГРУП“ една од водечките компании во државата која се занимава со трговија, дистрибуција, проектирање и инжинеринг на системи за климатизација и вентилација. Основите на компанијата се поставени уште во 2012 г. во Скопје. Како увозник и дистрибутер на брендот ГРЕЕ, оваа компанијата расте низ годините и го освојува пазарот. Моментално компанијата соработува со повеќе од 50 компании низ целата држава. Ова е резултат на постојано инвестирање во развој на вработените преку учество на обуки во земјата и во странство. Целта на компанијата е да овозможи квалитетни продукти за своите клиенти кој ќе можат да го контролираат квалитетот на воздухот во нивните домови и работни простории со пониски трошоци. Во 2018 г. се регистрира новиот бренд на компанијата под името ТСТ. Високиот углед на компанијата е резултат на квалитетот на производите и извонредните перформанси зад кои стојат многубројните лаборатории за контрола на квалитетот.
Горан Цуцулески – „Кривогаштани Промет“ од Кривогаштани, II награда во категоријата мали претпријатија (кои имаат помеѓу 10 и 50 вработени)
Кривогаштани Промет започнува со работа пред 29 години, како семеен бизнис, во рурална средина во која природата го има главниот збор. До 2012 година е препознатлива како компанија која се занимава со трговија и извоз на пакувани земјоделски производи. Пред 7 години компанијата започнува со преработка на пиперки и производство на деликатесни производи направени вредно, со мерак и со желба за продолжување на оригиналните домашни рецепти. Денес, овие производи се продаваат во повеќе од 20 земји низ светот меѓу кои и САД и Австралија. Да се работи во оваа компанија значи да не се штеди на посветеност и истрајност во правењето и во споделувањето на оригиналните деликатеси. Тоа се постигнува со пријатна работна атмосфера во која секој вработен се цени за својот придонес, соодветно се наградува и добива можност да напредува. Со префинетиот баланс на вкусовите, Гурмано се направени да одговорат на критериумите и на најпребирливите гурмани.
Риза Реџепи – „Текника Риза Реџепи“ од Кичево I награда во категоријата микро претпријатија (кои имаат помалку од 10 вработени)
Kомпанијата „Текника Риза Реџепи“ започнува со работа како семеен бизнис во 1993 година. На почетокот се занимава со проектирање, a од 2004-та година започна да се занимава и со производство на бетон. Моментално оваа компанија има 6 вработени. Во последните години компанијата има инвестирано во опрема и технологија со кои се зголемува капацитетот на производството со цел да се задоволат барањата на пазарот и клиентите. Сопственикот на компанијата развива стратегија и план за понатамошно зголемување и проширување на бизнисот, и на тој начин зголемување на бројот на вработени што би било уште еден придонес што компанијата го дава за општеството.
Георги Дамчески – „Ипринт 2015 “ од Прилеп, II награда во категоријата микро претпријатија (кои имаат помалку од 10 вработени)
Нивната приказна започнува во 2016 година во Прилеп со отворање на компанија за дигитално печатење врз хартија, платнo, пластикa и керамика. Семејниот бизнис постепено расте во делот на инвестиции, добивка, вработени и приходи. Во последните 3 години се воведуваат и нови продукти како што се 3Д печатење, индиго печат, холограм и 3Д билборди. Покрај тоа, континуирано се инвестира во вработените обезбедувајќи многубројни обуки за правилно користење на софистицирана опрема како и воведување на нови технологии. Нивната формула за успех е стремеж кон проширување и развој на нови услуги на домашниот пазар.