Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Васко Дамевски, менаџер на компанијата Ксенос, Демир Хисар, а втората на Сејди Шахсивари, менаџер на Урбан план констракшн од Тетово.
Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Андреј Петковски, менаџер на компанија Ѓорго-комерц, Куманово, а втората на Звонко Трпковски, менаџер на компанијата Атлантик од Скопје.
На 16.12.2014 година (вторник), во хотелот Александар Палас во Скопје, беа доделени награди за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија.
Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари. Наградата на Министерството за економија изнесува 120.000 денари.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2014“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 27 микро и мало претпријатие, во периодот од 2011 до 2013 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), и кои беа избрани за најдобри.
Главни организатори на Претприемач на годината 2014 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Организатор и институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот беше Штедилница Можности.