Глобалното истражување на претприемништво - ГЕМ (Global Entrepreneurship Monitor) е најголемо истражување за претприемништво во светот, кое во 2013 година опфати 70 земји, над 197.000 испитаници и приближно 3.800 експерти. ГЕМ претставува годишна оценка на претприемништвото на национално ниво. Македонската развојна фондација за претпријатија заедно со Центарот за развој на нови бизниси (БСЦ) при Машинскиот факултет го сочинуваат националниот тим на ГЕМ во Македонија. Во 2013 г. истражувањето опфати телефонска анкета на 2.000 испитаници на возраст од 18 до 64 години за нивните перцепции, ставови за претприемништвото, нивната претприемничка активност и аспирации. Во истражувањето беа анкетирани и 37 домашни експерти кои придонесоа за анализа на опкружувањето за поддршка на претприемништвото.
Во 2014 година беше изработен и промовиран извештај од истражувањето, под наслов „Претприемништвото во Македонија 2013“
Главни наоди во ГЕМ – „Претприемништвото во Македонија 2013“
Во Македонија секој трет испитаник гледа добри можности за започнување на бизнис во следните 6 месеци. Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека располагаат со потребните знаења за започнување на бизнис. Генерално владеат позитивни перцепции за претприемништвото како избор на кариера, се смета дека претприемачите уживаат висок статус и дека се посветува доволно внимание од страна на медиумите за претприемништвото
Претприемничката активност е мерена преку клучниот индекс ТЕА (Total Early-stage Entrepreneurial Activity). ТЕА индексот во 2013 година во Македонија изнесува 6.63% од кои претприемачи во зачеток се 3,35% (оние кои имаат деловни активности до 3 месеци), а 3,53% се нови (кои имаат деловни активности до 3,5 години). Во Македонија во 2013 година најголемиот дел од претприемачите се мотивирани од нужност (60,98%) а 22.95% изјавиле дека се мотивирани од согледаните можности.
Поголемиот дел од претприемачите во Македонија се мажи, на возраст од 25 до 34 години, со повисоко ниво на образование и приходи. Во 2013 г. 7,29 % од испитаниците изјавиле дека се сопственици или менаџери на веќе воспоставени бизниси (со деловни активности над 3,5 години). Главна причина за престанок на бизнис оваа година се непрофитабилноста на бизнисот и проблем со пристапот до финансии.
Во Македонија 59% од претприемачите во рана фаза очекуваат да вработат до 5 лица во наредните 5 години, 23% очекуваат да вработат од 6 до 19 лица, а 18% очекуваат да вработат 20 и повеќе лица. Стапката на иновативност во Македонија за 2013 година изнесува 13.82% кај ТЕА бизнисите а 4,23% кај воспоставените бизниси. Во Македонија најголем дел од претпријатијата во рана фаза изјавиле дека дека имаат од 1% до 25% странски клиенти, што ја дефинира нивната аспирација кон надворешни пазари.
Во Македонија 60% од претприемачите во рана фаза очекуваат да вработат до 5 лица во наредните 5 години, а 12 % над 20 лица. Воедно, 20% од претприемачите во рана фаза имаат аспирации кон иновации, а 26 % кон надворешни пазари за продажба на своите производи и услуги.