MРФП постојано го подобрува пристапот до финансиските услуги и на тој начин се бори против сиромаштијата. Добрите идеи и посветените претприемачи треба да имаат пристап до потребната финансиска поддршка. Ваквиот пристап на МРФП придонесе до крајот на 2019 г. да се исплатат над 3,37 милијарди денари (54,8 милиони евра) кон 15.847 клиенти. На овој начин се поддржани вкупно 21.676 постојни и 6.138 планирани работни места.
Во изминатиот период МРФП беше активна во застапувачки активности за развој на финансиските услуги. Тоа беше највоочливо при донесувањето на законските решенија за финансиски друштва, за економски активности на фондации и други законски предлози.
МРФП ќе продолжи да се зазема за унапредување на законската, но и другата рамка за развој на финансиските услуги. Ова има и директни ефекти врз МРФП со оглед дека МРФП е директно изложена на финансискиот сектор.
Реализирани активности
Регулатива за платежни услуги. МРФП е вклучен во работниот тим на Сојузот на МФО кој работи на регулативата за платежни услуги. Со оваа регулатива, покрај банките, платежните услуги би требало да ги вршат и други правни лица доколку исполнуваат одредени критериуми. Донесувањето на оваа регулатива и вклучувањето на микрофинансиските организации (штедилници и фондации) како правни субјекти е од посебно значење, пред се заради: 1) зголемување на услугите кои што би можеле да ги вршат, и 2) придонесот за финансиска инклузија на што поголем број на лица во нашата земја. Ова е согласно регулативата на ЕУ, која е веќе применета во земјите од регионот (вклучувајќи ги Србија и Албанија). Работна верзија на законот е доставена до сите актери и започната е расправа на јавни дебати, организирани од страна на Министерството за финансии и логистички помогнати од Сојузот на МФО. За ова прашање, во текот на 2019 г. преку Сојузот на МФО, беше организирана студиска посета во Латвија и Литванија каде што беа посетени национални банки, министерства и други небанкарски финансиски институции кои вршат платежни услуги. На студиската посета учествуваше и претставник од МРФП, како и претставници од другите партнери на Сојузот на МФО
Закон за данок на добивка. Во 2014 г. МРФП направи анализа на негативните ефекти од примената на Законот за данок на добивка, член 12а. Истиот период беше реализиран состанок со претставници од Министерството за финансии, на кој беа презентирани негативните ефекти од примената на оваа одредба од законот врз работењето на МРФП, како и врз организациите Хоризонти, Хабитат Македонија и фондација Кримсон. Овие организации, согласно заклучоците од состанокот со претставници од Министерството за финансии, подготвија и поднесоа иницијатива за измена на оваа одредба од законот.
Закон за банки. Во 2010 г. претставник од МРФП беше дел од работниот тим (покрај претставниците од УСАИД, Можности, Хабитат Македонија и ФУЛМ) кој работеше на предлог измени на постојниот Закон за банки. Предлогот, кој треба да обезбеди можност за преобразба на штедилница во банка или штедна банка, беше доставен до Министерството за финансии.
Закон за финансиски друштва. Во 2010 г. претставник на МРФП беше дел од работниот тим составен од претставници на здруженија и фондации кои работат во областа на кредитирање на микро и мали претпријатија (МРФП, МБПР, Можности, Хоризонти, Гаранти фонд и проект на УСАИД), како и претставник од Хабитат Македонија заедно со одговорните лица од Министерството за финансии. Најголем дел од предлозите беа прифатени од законодавецот и истите се дел од сегашното законско решение.
Низ целиот изминат период, градењето капацитети за финансиски услуги беше битен белег на МРФП. МРФП и понатаму останува посветена на оваа активност затоа што финансиските институции и понатаму се посредници во кредитирањето на малите претпријатија. За МРФП односот со финансиските институции не е само финансиски, туку тој носи и дополнителни вредности (подобрен капацитет на финансиските посредници значи подобри услуги за малите претпријатија).
Инструментите кои МРФП ги употребува се обуки и студиски посети. Темите, беа и ќе бидат бирани зависно од релевантноста за развој на одреден продукт/услуга на пазарот и соодветно од интересот на финансиските посредници и МРФП.
Капиталните вложувања се новина во МРФП. Тие треба да бидат делумен излез на МРФП од веќе воспоставениот пазар на кредити и влез во подинамичен сегмент кој ќе обезбеди понатамошна диверзификација на интервенциите на МРФП. Капиталните вложувања подразбираат концепт на целосна или делумна сопственост на МРФП во други субјекти.
Како комплементарна активност на капиталните вложувања, МРФП ќе го разгледа прашањето за воспоставување на акцелератор. Ова подразбира инфраструктурна поддршка на иновативни бизнис идеи, вклучувајќи: обезбедување на деловен простор, административни и технички услуги, менторство и обука, консултантски услуги и тренинг, обезбедување на почетно финансирање и давање на стручна помош за старт-ап и за раст на бизнисите.
Кредитите се доминантна финансиска услуга со која МРФП ги поддржува микро и малите претпријатија. Пристапот до нив е преку акредитирани финансиски посредници.
Покрај кредитите за микро и мали претпријатија, со финансиските посредници, МРФП ќе истражува можности за развој на нови финансиски продукти. Ова ќе зависи од конкретните потреби и празнини на пазарот на финансиски услуги и можноста МРФП да игра ефективна улога во синергија со своите партнерски финансиски институции.
МРФП останува отворен за нови партнери, посебно оние кои додаваат вредност на мисијата која ја има МРФП. Во претходниот период таков пробив беше направен со вклучувањето на фондацијата Хоризонти и финансиското друштво Фактор труст, кои од една страна обезбедуваат кредити и факторинг за микро и мали клиенти, а од друга страна, како финансиски посредници, обезбедуваат извесна диверзификација за МРФП.
Реализирани активности
Засилената кредитна активност во Македонија, особено во сегментот на корпоративните клиенти, позитивно се одрази и на резултатите на МРФП постигнати во 2019 година во делот на финансиските услуги. Исплатени се кредити во износ од 101.505.431 денари кон 585 клиенти. Кумулативно, вкупно исплатените кредити од почетокот со работа на МРФП до 31.12.2019 г. е над 3,37 милијарди денари (54,8 милиони евра) кон 15,847 клиенти, со што се поддржани вкупно 21.676 постојни и 6.138 планирани работни места.
МРФП, заедно со финансиските посредници, прави напори за правична дистрибуција на овие кредити: и жените да бидат корисници на кредит, и претприемачите од руралните подрачја и од подрачјата надвор од скопскиот регион да имаат пристап до кредит... Овие и други развојни индикатори може да се проследат на веб страната на МРФП, во делот за Нашата работа / Финансиски услуги / Кредити / Развојни индикатори.







