Македонската развојна фондација за претпријатија, на 26.03.2024, во наставниот центар Скопје на Факултет за туризам и бизнис логистика (Универзитет Гоце Делев) го одржа настанот „Користење на модерни технологии во руралниот сектор“.
Повеќе од 50 студенти и професори на овој факултет беа информирани за можностите за дигитализација во руралните средини односно како модерните технологии можат да придонесат кон развојот на еден бизнис. Претставниците на Македонската развојна фондација за претпријатија ја промовираа и програмата „Агрискилс“ кој се состои од бесплатна обука составена од 5 тренинг модули кои можат да се користат самостојно преку онлајн платформата https://training.agriskills40.com/. Оваа тренинг програма ќе ги воведе сите заинтересирани лица во начинот на користење на модерните технологии во руралниот сектор и земјоделието, основните дигитални вештини со кои треба да се располага, претприемачките вештини и можностите за финансирање на дигиталната трансформација. Дел од програмата „Агрискилс“ е и каталогот со добри практики на користење на дигитални технологии во земјоделието. Истиот содржи добри практики од Македонија, Австрија, Германија, Словенија и Грција.
Извршниот директор на Македонската развојна фондација за претпријатија, Лазар Неданоски, пред присутните ги презентираше можностите за финансирање кои се достапни на компаниите од Македонија наменети за иновативни идеи, но и за модернизација на технологијата во процесот на производство. Беа споделени претходните и тековните активности на фондацијата во секторот земјоделие, рурален туризам и други.
Овој настан е дел од проектот „АгриСкилс“ финансиран од Европската унија, преку програмата Еразмус+, а е организиран од Македонската развојна фондација за претпријатија во соработка со Факултет за туризам и бизнис логистика, Универзитет Гоце Делчев.
Повеќе информации за проектот можат да се најдат на https://agriskills40.com/.