Зголемување на учеството на жените Ромки на пазарот на труд
pngГлобално истражување за претприемништвоpatПат кон кариераОпштествена одговорност на претпријатијаDear West

МРФП во конзорциум со НВО КХАМ од Делчево, ХДЗР Месечина од Гостивар и Микрокредитната фондација Хоризонти од Скопје го спроведуваат проектот „Зголемување на учеството на жените Ромки на пазарот на труд“.

Целта на проектот е да им овозможи на жените Ромки да стекнат вештини кои би им помогнале полесно да се вработат. Најголемиот дел од жените Ромки се со ниска квалификуваност и се соочуваат со дискриминација во процесот на барање на работа. Проектот се спроведува во два региони и тоа во западниот дел од Македонија, во Гостивар, Дебар и Тетово и во источниот дел, во Делчево, Берово и Пехчево), како и во Скопје. Покрај невработените Ромки, целна група се и Ромките претприемачки, но не се исклучени и припадничките на другите етнички групи.

По завршување на проектот се очекува жените Ромки да имаат стекнато вештини кои би ги направиле поконкурентни/барани на пазарот на труд и/или успешно да раководат со сопствениот мал бизнис.

Општите цели на проектот се:

  1. Зголемување на нивото на вработеност на ромската популација;
  2. Подобрување на стандардот на живеење на ромската популација;
  3. Подобрување на вештините на ромската популација за учество во економски и социјални активности.

Специфична цел на проектот е развиени работни вештини на жените Ромки за влез на пазарот на труд.

Со спроведувањето на проектот ќе се постигнат следните резултати:

  • Идентификувани жени Ромки за градење на нивните вештини за вработување.
  • Анализирана побарувачка и понуда на пазарот на труд за жените Ромки.
  • Подобрени стручни вештини на жените Ромки.
  • Подобрени вештини за самовработување на претприемачки Ромки.
  • Информирани и мотивирани чинители за зголемено учество на пазарот на труд на жените Ромки.

Проектот вклучува различни обуки за квалификација/преквалификација на жените и тоа:

  • „Технички вештини“ кои вклучуваат обуки за фризерки, козметичарки, шивачки, готвачки, кројачки и сл.
  • Менторство/чиракување кај компании и учење низ процесот на работење.
  • Обуки за развој на вештини за водење на сопствен бизнис кои ќе ги зголемат познавањата на жените од областа на финансиите, маркетингот и правните процедури. Овие обуки се наменети за жените кои веќе се занимаваат со одредени деловни активности, или пак, имаат мал бизнис.

Искуството од проектот ќе овозможи утврдување на проблемите со кои се соочуваат жените Ромки при барањето на работа, по што ќе се дадат насоки за нивно надминување.

Проектот започна на 14 декември 2015 година и ќе трае до 14 јуни 2017 година.

Вкупниот буџет изнесува 193.127,29 ЕУР. Проектот е финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА Програмата за развој на човечки ресурси, преку Секторот за финансирање и склучување договори - ЦФЦД при Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика. Европската Унија ќе обезбеди 95% од буџетот на проектот, а остатокот е кофинансирање од МРФП, КХАМ, Месечина и Хоризонти.

Промотивен материјалЛеток