Вести и јавност
pngГлобално истражување за претприемништвоpatПат кон кариераОпштествена одговорност на претпријатијаDear West

dodeleni nagradite pretpriemach na godinata 2016Првата награда во категоријата мали претпријатија му припадна на Деан Бадаревски од „Софа студио“ - Скопје, додека втората награда му припадна на Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ - Битола.

Во категоријата на микро претпријатија добитник на првата награда е Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ – Тетово, додека втората награда ѝ припадна на Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ - Скопје.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2016“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 56 микро и мали претпријатија, во периодот од 2013 до 2015 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.).

Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.

Манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година одбележува десетгодишен јубилеј. Вкупно 40 претприемачи биле наградени во овој период, а Министерството за економија додели вкупно шест специјални награди. Идејата на организаторите во сите овие години беше да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.

Главни организатори на Претприемач на годината 2016 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.

 

Деан Бадаревски од „Софа студио“ од Скопје

Семејната приказна која започнува во 1998 г. во рамките на услужната дејност, сервисирање и репарација на тапациран мебел, малку подоцна се профилира и се проширува со изработка на канцелариски мебел, програма за хотелиерство и кафетерии. Со ребрендирањето во 2007 г. започнале со производство на домашен програм и ентериери, софи и спални од тапациран мебел. Низ годините, станува претпријатие со континуиран и стабилен развој и политика, со висококвалитетен производ и со висока позиционираност на домашниот пазар. Нивните производи покрај тоа што се застапени на македонскиот пазар, успешно се пласираат и на пазарите во Австрија, Германија и Холандија, задоволувајќи ги и потребите за квалитет и удобност на бројни странски купувачи.

Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ од Битола

Првичната идеја за откуп на стари возила и расклопување на делови за нивна натамошна продажба ја остварува во 2011 г., за една година подоцна да започне со откуп на отпадни суровини и сепарација на бакар од третирани кабли. Оваа година ја реализира идејата за производство на гумени плочки искористувајќи го при тоа отпадниот дел од каблите. Денес, главната дејност е вршење откуп на секундарни отпадни суровини и производство на гумени подни плочки изработени од гранулат од гума, кои се модерно и многу популарно решение за внатрешно и за надворешно уредување. Поради нивните бројни квалитети, гумените подни плочки наоѓаат широка примена при поплочувањето на тераси, детски градинки и школски дворови, спортски игралишта, фитнес-центри, како и за простории околу базени.

Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ од Тетово

Сместен е на Шар Планина во близина на Попова Шапка, хотелот претставува  идеална дестинација за празници, семејни одмори, групни и корпоративни настани, како и за љубителите на природата, кои сакаат мир и спокојство. Нивните планови се насочени кон следење на примерите од познатите туристички центри и нивно успешно инкорпорирање со цел на нивните посетители да им обезбедат врвни услуги. Во моментов, хотелот располага со 35 пространи соби изградени според највисоките стандарди, затворени базени, сауна, турска бања и фитнес-центар, спа и велнес центар, масажа-услуги. Во ресторанот на хотелот се служи вкусна, локална и меѓународна храна и одлични вина во опуштена атмосфера и прекрасна околина.

Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ од Скопје

Многу слатки задоволства на кои никој не останува рамнодушен нуди чоколадниот свет на една успешна претприемачка приказна. Нивната тајна за правењето чоколадна магија е сокриена во најголемите и најчувани мајсторски рецепти, коишто со генерации се чувале и пренесувале на идните поколенија, во малите чоколатерски фамилии. Нивниот рецепт за успех е модерно-креативниот начин на изработка на производите, како и користењето на најквалитетните чоколади добиени од најубавите зрна на какао од Гана и од Мадагаскар. Тоа e нивниот проверен рецепт за чоколадната магија.